
Ромите во повисоките делови од населбата Шуто Оризари, на над 40 степени топло време, немаат вода ниту за пиење. Директорот на ЈП Водовод и канализација, Стојан Србиновски вели дека недостигот на вода се должи на несовесното користење на водата од страна на жителите на општината Шуто Оризари.
Ајро, жител на Шутка вели дека немаат вода по цел ден, а вода имаат само неколку часа во текот на ноќта колку да можат да ги наполнат кофите, шишињата и слично, за да имаат вода за користење наредниот ден.
Беџет Сејди советник на општината Шуто Оризари вели дека дел од Ромите немаат вода ниту за пиење, а не за други потреби. Тој вели дека имаат соработка со ЈП Водовод и канализација, Паркови и зеленила и Комунална хигиена и добиле ветување дека проблемот со недостигот на питка вода ќе биде решен.
Србиновски вели дека во пумпената станица Бутел работат три пумпи со јачиона од 160 киловати, и даваат по 110 килограми вода во секунда, што значи дека 29 илјади метри кубни вода се испорачува дневно за жителите на населбата Шуто Оризари, што е доволно за еден помал град или средина.
Ајро вели дека на ова жешко време се тушираат со тоа што преку целиот ден оставаат полни шишиња на сонце за да им се згрее водата. Тој додава дека имаат проблем и со одржување на хигиената во домовите, исто така не може да се исперат алиштата во машина за перење, затоа што кога имаат вода тоа е со многу мал притисок.
Србиновски вели дека дел од вината е и во големиот број на диво изградени објекти. Тој вели дека треба да се има градежни дозволи од општината, за да имаат предвид со колкаво население располагаат и со кој капацитет на водоснабдување треба да се покрие населбата. Додава дека околу 20 посто од жителите на Шутка плаќаат вода што е многу мал процент.
Тој додава дека направиле една акција со исклучување на водата на тие што не плаќаат. Целта беше да се едуцираат за рационално користење на водата, но тоа траеше само неколку дена и ѓраѓаните повторно си се вратија на своите стари навики. Србиновски апелира до жителите на Шуто Оризари рационално да ја користат водата, да не ја користат за ладење на бетонот, бавчите, и слично, во тој случај ќе има доволно вода за сите.
Projekat kofinansira Evropska Unija u okviru IPA 2009: Instrument za civilno drustvo--regionalni programi.